22 March, 2013

Велосипедска анализа на програмите на кандидатите за градоначалници на град Скопје и скопските општини на локалните избори 2013 година


По повод претстојните локални избори направивме анализа на достапните програми на кандидатите за градоначалници за град Скопје и скопските општини. Цел на анализата беше да одговори на прашањето дали во изборните програми се опфатени теми во врска со велосипедизмот.

Анализата можете да ја видите подолу, или во pdf верзија на овој линк.

Во програмите на кандидатите од повеќето општини темата велосипедизам (особено велосипедот како превозно средство) или воопшто не е или е третирана многу малку. Исклучок од ова се општина Центар, и делумно град Скопје, каде што по два кандидати имаат поголем број спомнувања на темата велосипедизам.

Накратко, и без да се анализира квалитативно понуденото, туку само начинот и обемот во кој оваа тема е третирана, според резултатите од анализата може да се заклучи дека изборните програми не се ветувачки за иднината на велосипедот како превозно средство во Скопје. Постои сериозен проблем во немањето визија за велосипедскиот сообраќај како решение за сообраќајните и еколошките проблеми во градот.

Следува анализата.



Велосипедска анализа на програмите на кандидатите за градоначалници на град Скопје и скопските општини на локалните избори 2013 година



НаТочак
Скопје, март 2013


Вовед

Урбаниот велосипедизам, односно употребата на велосипедот како превозно средство, е еден од најодржливите и најеколошките начини на урбан превоз. За велосипедот, освен како превозно средство, може да се лоцираат и два други начина на користење: за рекреација и спорт.

Клучен фактор за зголемување на употребата на велосипедот како превозно средство е подобрувањето на велосипедската инфраструктура, за што е задолжена локалната самоуправа. При тоа, подеднакво важно е одржувањето на постоечката инфраструктура, како и проширување и изградба на нова.

2013 е година на локални избори во Република Македонија при што ќе се изберат градоначалници и советници во 80 општини и градот Скопје.

Во овој документ е направена анализа на достапните програми (заклучно со 19.03.2013) од кандидатите за градоначалници и советници за општините во град Скопје (Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари), како и самиот град Скопје. За дел од кандидатите за кои не ни беше достапна програма за конкретната општина, беше анализирана општата изборна програма на политичката партија, доколку истата беше достапна. Беа анализирани 26 општински изборни програми (24 кандидати за градоначалници, 2 кандидати за советнички листи) и 4 општи изборни програми. Од вкупно 58 кандидати во опфатените општини беа анализирани 24 конкретни и 18 програми од кандидати чии партии имаат општи изборни програми.

Список на политички партии чии кандидати беа опфатени во оваа анализа (по азбучен редослед):
ВМРО-ДПМНЕ – Внатрешно македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално едиство
ВМРО-НП - Внатрешно македонска револуционерна организација – Народна партија
ДОМ – Демократска обнова на Македонија (*
ДПА – Демократска партија на Албанците
ДУИ – Демократка унија за интеграција
ЛДП – Либерално демократска партија
ЛП – Либерална партија
НДМ – Народно движење за Македонија
НДП – Национална демократска преродба
ОДСР – Обединети демократски сили на Ромите
РА – Републиканска алијанса
СДПМ – Социјал-демократска партија на Македонија
СДСМ – Социјал-демократски сојуз на Македонија
СДУ – Социјал-демократска унија
СНСМ – Српска напредна странка во Македонија
СР – Сојуз на Роми
СТЛС – Сојуз на Титови леви сили

(* партијата има само кандидати за советнички листи, не за кандидати за градоначалници

За следниве партии беа достапни конкретни општински изборни програми при изработката на ова анализа: ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-НП, ДУИ, ЛДП, СДСМ, СНСМ.

За следниве партии беа достапни општи изборни програми: ДОМ, ДПА, НДП, СДУ.

Оваа анализа треба да одговори на прашањето дали во изборните програми се опфатени теми во врска со велосипедизмот. Онаму каде што велосипедизмот е дел од програмата, извадоците каде што тој се обработува беа категоризирани во 3 категории: велосипед како превозно средство, спорт и рекреација, останато. Онаму каде што во програмската точка не беше наведено експлицитно дека станува збор за велосипедизам, таа точка беше изоставена од анализата. На пример, доколку програмата предвидува проширување на булевар, без при тоа експлицитно да биде наведено дека заедно со коловозот ќе се изгради велосипедска патека, таа програмска точка не беше земена предвид.

Анализираните изборни програми се достапни на следниот линк:
http://0.mk/veloanaliza-lokalni-izbori-2013

Анализа по општини и град Скопје

Град Скопје

Кандидати:
Артан Груби, ДУИ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Беким Фазлиу, ДПА, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Габриела Арсова Милошевска, РА, програмата не беше достапна

Горан Николовски, ЛП, програмата не беше достапна

Жаклина Николиќ, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Злате Војновски, НДМ, програмата не беше достапна

Јани Макрадули, СДСМ, *
               * Програмата е пишувана како да се случува во 2017 (крај на мандатот на Јани Макрадули како градоначалник) и е посета на некој што се отселил од Скопје во 2007 година
Велосипед како превозно средство:
1. Се решија да изнајмат велосипеди, систем кој веќе втора година функционира на дисперзирани локации, а не само во центарот на градот. Се зачуди, патеки како во Амстердам, посебни патеки за велосипеди. Другарите му раскажуваат дека и ова е дел од реализираните ветувања од програмата на градоначалникот Јани во 2013-та во рамки на проектите 0 (НУЛА) Толеранција за:
-        возила на тротоарите;
-        за новите сообраќајници, каде секоја поголема сообраќајница која започнува да се гради МОРА да има место и за пешаци и за велосипеди;
Интелигентниот smart систем при паркирањето, автоматски ги заклучува велосипедите и само после соодветна селекција може да се користи од страна на друго лице. Покрај тоа беа посебно дизајнирани, а изборот беше направен од трудови на студентите на архитектонските факултети.
2. Го остави велосипедот кај наменските рампи. Знаеше дека сега никој не може да му го украде.
Спорт и рекреација: /
Останато:
Се качи на велосипедот и полета.

Коце Трајановски, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство: 
Изнајмување на велосипеди - Рок: 2014-2015 година. Опис на проектот: Со овој проект се планира да се унапреди постојниот систем за изнајмување велосипеди со автоматизирана самопослуга, нови 10 локации вклучувајќи ги и другите катни гаражи, како и набавка на 500 нови велосипеди од сите типови.
Спорт и рекреација:
Развој на рекреативен и на екстремен спортски велосипедизам - Рок: 2015-2016 година. Опис на проектот: Во насока на подобрување на условите за велосипедистите, како и развојот на спортскиот туризам, Градот Скопје ќе направи велосипедска патека за вљубениците на екстремниот спорт и во екстремниот велосипедизам.
Останато: /

Љуљзим Фаризи, НДП, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)


Коментар: Од деветте кандидати, тројца кандидати имаат програма (во една не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), тројца имаат општа партиска програма и за три кандидати не беше достапна изборната програма. Заедничко за двата кандидати кои ја обработуваат темата на оваа анализа е што се залагаат за унапредување и проширување на системите за изнајмување велосипеди. Едниот кандидат се залага за темата рекреативен и спортски велосипедизам, во насока на екстремниот спортски велосипедизам со изградба на соодветна патека. Другиот кандидат се залага за изградба на велосипедската инфраструктура на посточки и нови улици и булевари, зголемување на безбедноста на велосипедистите, подобрување на состојбата со велосипедските паркиралишта. Интересно е што едниот кандидат по завршувањето на неговиот мандат го опишува возењето велосипед во Скопје како летање.



Општина Аеродром

Кандидати:
Диме Велковски, СДСМ
Велосипед како превозно средство:
1. Поставување на покриени паркинг места за велосипеди, на сите фреквентни места во општината (трговски центри, велосипедски патеки, базен, дом на култура, училишта, паркови, библиотека и др.)
2. В.С. Бато - бул. Јане Сандански бр. 3 - детско игралиште, реконструкција на пешачки и велосипедски патеки
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Драгољуб Јаќоски, СДПМ, програмата не беше достапна

Ивица Коневски, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Маја Миловановиќ – Михајловиќ, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Мимица Антовска , ЛП, програмата не беше достапна


Коментар: Од петте кандидати, двајца кандидати имаат програма (во една не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), еден има општа партиска програма и за двајца кандидати не беше достапна изборната програма. Кандидатот кој ја обработува темата велосипедизам, се залага за подобрување на состојбата со велосипедските паркиралишта и реконструкција на велосипедската инфраструктура на една локација.



Општина Бутел

Кандидати:
Алил Палоши, ДУИ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Ѓорѓе Сековски, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Ермонд Мифтари, ДПА, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Коста Начевски, СДСМ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Петар Мандалов, СДПМ, програмата не беше достапна

Петре Латиноски, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:
1. Изработка на проект за етапна изградба на пешачки и велосипедски патеки
во должина на едната страна на реката Серава, во населено место Живко
Брајковски.
2. За побрз и побезбеден проток на сообраќајот, покрај другото, потребни се
квалитетни сообраќајници, без црни точки на патиштата, како и безбедни
тротоари и патеки за пешаците и велосипедистите.
Спорт и рекреација: /
Останато: /


Коментар: Од шестте кандидати, за три беше достапна програмата (во две не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), два имаат општа партиска програма, а за еден кандидат не беше достапна изборната програма. Кандидатот кој ја обработува темата велосипедизам, се залага за изградба на велосипедска патека и зголемување на безбедноста на велосипедистите.



Општина Гази Баба

Кандидати:
Александар Бежовски, ЛП, програмата не беше достапна

Антонио Јовановски, СТЛС, програмата не беше достапна

Борче Стефановски, ВМРО-НП
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Гоце Делчев Тодев, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Мухадин Муртезани, ДПА, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Никола Пападиновски, СДПМ, програмата не беше достапна

Тони Трајковски, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство: /
Спорт и рекреација:
Обележување и унапредување шумски и велосипедски патеки на потегот село Виниче – село Булачани - село Раштак.
Останато: /


Коментар: Од седумте кандидати, за два беше достапна програмата (во една не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), два имаат општа партиска програма, а за три кандидати не беше достапна изборната програма. Кандидатот кој ја обработува темата велосипедизам, се залага за изградба на рекреативна патека.



Општина Ѓорче Петров

Кандидати:
Александар Наумовски,  СДСМ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Драган Марковски, СТЛС, програмата не беше достапна

Мирко Ристовски, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Светозар (Серафим) Димовски, СДПМ, програмата не беше достапна

Сокол Митровски, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација:
Изградба на спортско-рекреативни пешачки и велосипедски патеки во атарот на селото Кучково
Останато: /

Советнички листи:
ДОМ
Велосипед како превозно средство: 
Вело 24/365 – Поставување на најмалку три пунктови (Дексион, Ѓорче Петров и Волково) за изнајмување на велосипеди
Спорт и рекреација:
Создавање на планинска велосипедска патека на планината Жеден – прва скопска општина со планинска вело-патека
Останато: /


Коментар: Од петте кандидати за градоначалници, за два беше достапна програмата (во една не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), еден има општа партиска програма, а за два кандидати не беше достапна изборната програма. Кандидатот кој ја обработува темата велосипедизам, се залага за изградба на спортско-рекреативна патека.
За оваа општина беше достапна програма на една партија која има само советничка листа. Таа се залага за подобрување на системот за изнамување велосипеди, и во доменот на спорт и рекреација за изградба на планинска вело-патека.



Општина Карпош

Кандидати:
Александар Георгиевски, СДПМ, програмата не беше достапна

Андреј Петров, СДСМ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Јагнула Куновска, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација:
Интерактивна веб-мапа. Проектот предвидува поставување интерактивна мапа, која ќе биде достапна на веб-страницата на Општината, на која ќе бидат прикажани пешачки и велосипедски патеки на Водно како интересна рекреативна понуда, како и преглед на сите места на општината и на градот преку инсталирање камери поставени на фреквентните места, игралишта, спортските терени, трговски центри и слично.
Останато: /

Небојша Давидовски, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Стевчо Јакимовски, СНСМ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација:
На десниот брег на р. Вардар покрај постојната патека за ролери ќе се изгради паралелна патека за велосипеди за растоварување на постојната патека, а левиот брег ќе се уреди адекватно на десниот брег.
Останато: /


Коментар: Од петте кандидати, за три беше достапна програма (во една не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), еден има општа партиска програма, а за еден кандидат не беше достапна изборната програма. Двата кандидати кои ја обработуваат темата велосипедизам, се залагаат за рекреативен велосипедизам, и тоа едниот за мапирање на постоечките планински патеки, другиот за проширување на рекреативната велосипедска инфраструктура на една локација.



Општина Кисела Вода

Кандидати:
Билјана Беличанец Алексиќ, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Љупчо Васовски, СДСМ
Велосипед како превозно средство:
Велосипедски патеки на ул. „Димо Хаџи Димов“ 65
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Сашо Јованоски, СДПМ, програмата не беше достапна

Татјана Ѓеорѓиевски, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)


Коментар: Од четирите кандидати, за два беше достапна програмата (во една не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), еден има општа партиска програма, а за еден кандидат не беше достапна изборната програма. Единствениот кандидат кој ја обработуватемата велосипедизам се залага за подобрување на велосипедската инфраструктура на една локација.

Општина Сарај

Кандидати:
Азби Нуредини, ДПА, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Беким Мурати, ДУИ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Блерим Халими, НДП, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Зоран Бошковски, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Советнички листи:
СДСМ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /


Коментар: Од четирите кандидати, за два беше достапна програмата (но кај ниту еден не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), а другите два имаат општа партиска програма.
За оваа општина беше достапна програма на една партија која има само советничка листа. Во таа програма не се обработуваат теми во врска со велосипедизмот.



Општина Центар

Кандидати:
Андреј Жерновски, ЛДП
Велосипед како превозно средство:
Тие (мерките и активностите) ќе бидат насочени кон зголемување и забрзување на протокот на сообраќајот, од една страна, и што е уште поважно, кон промена на структурата на сообраќајот што ќе се одвива во општината, од друга страна.
a. Реконструкција на тротоарите кои се во надлежност на општината, оформување на велосипедски патеки и оформување на пешачки патеки со вкупна површина од 132.000 м2 врз основа на стручно дефинираните приоритети во сите урбани заедници
b. Набавка и инсталирање на 60 нови паркинзи за велосипеди на најфреквентните локации во општината
c. Воведување обврска секоја јавна институција да обезбеди паркинг за велосипеди пред или во најнепосредна близина на објектот, со дефиниран минимален број на места
Спорт и рекреација: /
Останато:
1. (во вовед) Научив да возам велосипед околу тогашното Беко.
2. Рефундирање на 30% од цената за купен нов велосипед за граѓаните на општината

Владимир Тодоровиќ, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:
1. Изградба на тротоари, пешачки и велосипедски патеки и архитектонски пречки
2. Изработка на сообраќајна студија за развој на сообраќајот во општина Центар (2013 – 2023) година
a. Со цел подобрување на управувањето и на контролата на сообраќајот планирана e  сообраќајна студија што ќе го опфати сообраќајот во движење (динамички сообраќај) и сообраќајот во мирување, односно паркирањето (стационарен сообраќај). Оваа сообраќајна студија ќе се изработи во соработка со сите соодветни институции и здруженија, како што се: ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, „Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата“, „Велосипедска федерација“, „Мотоциклистичка федерација“, Здружение против хендикеп „Полио плус“ и во соработка со граѓаните . Со оваа сообраќајна студија ќе се подобри начинот и квалитетот на живеење во централното градско подрачје, односно во општина Центар.
Резултатите што ќе произлезат од оваа студија ќе дадат насоки за планирање и за развивање на целиот сообраќај во општината за наредните 10 години.
3. Поддршка и развој на велосипедскиот сообраќај
a. Изградба и обележување на велосипедски патеки на подрачјето на општина Центар
b. Поставување специјално обележани паркинг места наменети за велосипеди
c. Промоција на системот PARK & RIDE (паркирај и вози) со бесплатно користење велосипеди на јавните паркиралишта на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“
d. Промоција на електрични велосипеди, како алтернативен начин на превоз врз основа на веќе склучениот меморандум за соработка со Агенцијата за енергетика на Р. Македонија.
4. Хортикултурно уредување на пристапот на крстосниците со елементи за
смирување на сообраќајот на еднонасочните улици
Со ваквиот пристап ќе се обезбеди зголемување на безбедноста во сообраќајот, односно на возилата што се паркирани покрај работ на коловозот, како и на пешаците и на велосипедистите, а хортикултурното уредување ќе го разубави самиот влез на крстосницата.
5. Зголемување на безбедноста во сообраќајот за сите учесници
Воведување мерки за смирување во сообраќајот. Главни цели на овие мерки се: намалување на високата брзина, создавање услови на патот за охрабрување на возачите да возат внимателно и смирено, подобрување и разубавување на околината, намалување на бројот и на тежината на сообраќајните незгоди.
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Горица Трајковска, СДПМ, програмата не беше достапна

Цуте Трајчески, СДУ, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)


Коментар: Од четирите кандидати, за два беше достапна програмата, еден има општа партиска програма, а за еден кандидат не беше достапна изборната програма. И квалитативно и квантитативно, кандидатите за градоначалник на општина Центар за кои имаше достапна програма, во споредба со кандидатите од сите други скопски општини, најмногу ја опфаќаат темата велосипедизам. Заедничко за двата кандидати е што се залагаат за подобрување на велосипедската инфрастуктура и јавни велосипедски паркиралишта. Едниот кандидат се залага за промена на структурата на типот на сообраќај во општината во насока кон хуманизиран сообраќај, задолжителни велосипедски паркиралишта пред институции, финансиска помош за купување на велосипед за граѓаните. Другиот кандидат се залага за изработка на сообраќајна студија за општината, бесплатно изнајмување велосипед на платените јавни паркиралишта во сопственост на општината, промоција на електрични велосипеди, инфраструктурно зголемување на безбедноста на велосипедистите. Интересно е што еден кандидат евоцира спомени од детството како учел да вози велосипед.



Општина Чаир

Кандидати:
Бесник Телаи, Група избирачи, програмата не беше достапна

Гиктен Хазири, НДП, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Изет Меџити, ДУИ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Марија Ангелова, ВМРО-ДПМНЕ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Мухамед Тачи, ДПА, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Трајче Неделковски, СДСМ
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /


Коментар: Од шестте кандидати, за три беше достапна програмата (но кај ниту еден не се спомнува ниту една од темите кои се предмет на оваа анализа), два имаат општа партиска програма, а за еден изборната програма не беше достапна.



Општина Шуто Оризари

Кандидати:
Елвис Бајрам, СР, програмата не беше достапна

Ибраим Сума, ДПА, општа партиска програма (види анализа на општи изборни програми)

Неждет Мустафа, ОДСР, програмата не беше достапна


Коментар: Од трите кандидати, за два не беше достапна програмата, а за еден постои општа партиска програма

Анализа на општи изборни програми

Оваа анализа ги опфаќа само партиите кои немаат партиски програми за конкретна општина.
Демократска обнова на Македонија (ДОМ)
Велосипед како превозно средство:
1. Креирање зелени мрежи за непречено движење на пешаците и велосипедистите.
2. Вело 24/365 - Проект со кој ќе се промовира велосипедизмот како одржлив транспорт во урбаните средини, особено во поголемите градски центри како Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Тетово, Струмица, Штип и други во текот на целата година, со поголем број пунктови од каде граѓаните и туристите ќе можат да изнајмат ефтин транспорт за извршување на нивните работни обврски или рекреативни активности. Целта е да се намали сообраќајниот метеж, да се намали загадувањето на воздухот и бучавата. Ќе се реализира како јавно - приватно партнерство. Проектот е надградба на веќе постоечкиот во Скопје, кој функционира само во потоплите годишни времиња.
3. Обезбедување простор за велосипеди низ сообраќајниците во градот и инвестиции за изнајмување велосипеди, мапирање и обележување на велосипедски патеки, креирање на мапи како и комплетен водич и е-водич со велосипедски патеки.
4. ..., различните модели на транспорт кои ја намалуваат употребата на автомобилите, создаваат можности за поинаков концепт за развој на нашите градови, кој ќе се спротивстави на постоечкиот дисфункционален и проблематичен систем.
5. Изработка на општинска стратегија за одржлив транспорт.
Спорт и рекреација:
1. Вози велосипед со мама и тато - Организирање на семејно рекреативно возење на велосипед за време на викендите. Целта на овој проект се подобрување на моторичките способности кај децата, создавање на здрави навики и секако јакнење на семејството како примарна институција на децата.
Останато: /

Демократска партија на албанците (ДПА)
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Национална демократска преродба (НДП)
Велосипед како превозно средство:  /
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Социјал-демократска унија (СДУ)
Велосипед како превозно средство: 
Отстранување на непрописно паркираните и на хаварисаните возила од јавните површини
Спорт и рекреација: /
Останато: /

Коментар: Од четирите партии кои се опфатени со оваа анализа, две воопшто не ја третираат темата велосипедизам. Една партија во рамките на категоријата велосипед како превозно средство ја опфаќа безбедноста на велосипедистите. Другата партија се залага за стратегија за развој на велосипедскиот превоз, менување на типот на сообраќај, подобрување на системот за изнајмување велосипеди, подобрување на велосипедската инфраструктура. Во насока на рекреативен велосипедизам промовира проекти за семејно возење велосипед.

Заклучок

Во 30-те опфатени програми, темата велосипедизам се споменува 35 пати, и тоа категоризирани според под-теми:
  •         изградба на велосипедска патека(и) со основна намена урбан превоз – 6 спомнувања
  •         изградба на велосипедска патека(и) со основна намена спорт и рекреација – 5 спомнувања
  •         изработка на студии и стратегија во врска со велосипедски превоз – 5 спомнувања
  •         паркиралишта за велосипеди – 5 спомнувања
  •         изнајмување на велосипеди – 5 спомнувања
  •         безбедност на велосипедистите – 4 спомнувања
  •         реконструкција на велосипедска патека(и) – 1 спомнување
  •         останато – 4 спомнувања

Во 16 од 30-те достапни програми воопшто не се спомнува било што на тема велосипедизам.

Просек спомнувања по програма каде што воопшто се спомува велосипедизам: 2,5 спомнувања.

Просек спомнувања по програма за сите достапни програми: 1,1667 спомнувања.

Севкупно може да се заклучи дека освен за општина Центар, каде што два кандидати имаат поголем број спомнувања на темата велосипедизам, и делумно за град Скопје, во програмите на кандидатите од останатите скопски општини темата велосипедизам или воопшто не е или е третирана многу малку.

Од општите партиски програми на партиите кои немаат програми за конкретни општини, само една партија има поголем број спомнувања.

Три партии опфатени со оваа анализа, за кои имаше достапна програма, воопшто не ја третираат темата велосипедизам.

0 comments:

Post a Comment