21 January, 2017

Критична маса #57: 10 mcg/m3 е нашата цел!

Датум: среда, 25.01.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај: Министерство за животна средина и просторно планирање
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: наскоро
---------------------------------------------------------------------

Постерот за КМ #57
Нашата цел е 10 mcg/m3!

Здосадено ни е од бескрајни дискусии за тоа кој загадувач колку загадувал и каде требало, а каде не требало да се преземат мерки.
Кој загадувач колку загадува може да покажат стручни хемиски испитувања, не дискусии. 
Каде треба да се преземат мерки исто така не е за дискусија. 
Загаденоста е толку голема што за да стигнеме до дозволено ниво на загаденост мерки во само една област не можат да го решат проблемот! 

Еве да замислиме дека целосно ќе го снема загадувањето од грееење (најголемите 32 %). Тоа ќе значи дека од 600 ќе се симнеме на 400 mcg/m3! 
50 mcg/m3 е максимално дозволената граница!

Тоа покажува дека мора да преземеме мерки на долг рок во баш сите области: затоплување, сообраќај, индустрија, градежни работи, хигиена на улици. Ниедна не може и не смее да биде заобиколена.

За да ја постигнеме целта ЗДРАВ ВОЗДУХ ВО Скопје меѓу другото, мора да се преземат сериозни мерки и во сообраќајот.
 




Подолго зелено за возила, поголеми брзини за возилата и надвозници на крстосници се мерки кои популарно се сметаат како мерки кои ќе го намалат загадувањето од возилата зашто се гледа само конкретната локација и конкретното возило, а не големата слика.
 
Такви автоцентрични мерки припаѓаат на 60-тите и 70-тите години на 20-ти век и веќе се напуштени во современите сообраќајни парадигми откако увиделе колку штета предизвикуваат зашто ја зголемуваат проточноста на моторните возила, а со тоа ги прават попривлечни за нови корисници на возила или пак стари корисници во нови ситуации. Тоа го зголемува загадувањето, буката, седечкиот начин на живот, а градот го прави автодром, непријатно и небезбедно место за живеење.
Современите приоди ја решаваат мобилноста мултимодално.
 
Луѓето мора да се движат! Тоа мора. Но не мора да го прават тоа со кола во секоја можна ситуација! 
Некои од патувањата може да ги прават пеш, некои со точак, некои со јавен превоз.
Овие начини на превоз мора да се направат ПОБРЗИ, ПОКОМОТНИ, ПОПРИВЛЕЧНИ од колата во различни ситуации во Скопје за луѓето сами да посакаат да ги користат.

Ова е предизвик кој им го задаваме на кандидатите за градоначалници на скопските општини и Град Скопје на претстојните локални избори.
 
Основните прашања од почетокот на текстот се прилично апсолвирани (кои се најголеми загадувачи и дека се потребни мерки во сите области, вклучително и сообраќајот).
Време е да прејдеме на решенија. Кога зборуваме за намалување на загадувањето кое потекнува од сообраќајот, ова е темата која треба да ја дискутираме: како да ги направиме одржливите начини на превоз попривлечни? Кои урбанистички, инфраструктурни, законски, буџетски мерки треба да ги преземеме?
 

Повелете со идеи во коментари!
 
Во очи претстојните локални избори ова е основното прашање кое ќе го упатиме до идните кандидати, а не на која улица ќе направат повеќе ленти за коли.
Зашто нашата цел е 10 mcg/m3! 
Се надеваме и вашата! Се надеваме и нивната!
И ќе ја постигнеме само со сериозни дологорочни мерки, меѓу другото и во сообраќајот!


Дојди во поддршка на овие заложби на Критична маса #57 во среда. 
Возиме по следната кратка рута поради снегот:



Ѕрн - ѕрн!

Земете си и заштитни маски, доколку загадувањето е над дозволените граници.
Бидете зимски опремени и вие и вашиот точак.


*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 56 пати возеа масовно по скопските улици, на 56 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 57-ми пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

11 January, 2017

Допис до Град Скопје за чистење на велосипедските патеки од снег

Во врска со попреченото движење (од неисчистениот снег и мраз) на велосипед во Скопје, НаТочак испрати допис до надлежните од Град Скопје.
Дописот како документ е достапен на следниот
линк, или како текст, во продолжение:


-------------------------


До
Град Скопје     

                                                                   
Почитувани,
Неформалната група НаТочак, промовираjќи ги сите предности од велосипедот како урбано секојдневно превозно средство, кое се користи 365 дена во годината, Ви се обраќа во врска со актуелните снежни врнежи во градот Скопје.

Деновиве сведоци сме дека чистењето на велосипедските патеки од снег и мраз не е воопшто предмет на работа на службите. Како и во минатото, така и оваа година, снежните врнежи, потпомогнати од инертноста на надлежните (кои не го чистат снегот од патеките) комплетно го блокираа велосипедскиот сообраќај во градов и го прават тотално небезбеден. Со блокираните и небезбедни патеки ги демотивираме и оние посветени велосипедисти на кои студот не им пречи. Наместо да имаме чисти патеки и да правиме кампањи за поголемо користење на велосипедот при ладно време, со моменталната ситуација правиме и најупорните да се откажат.

Имено, во град каде возењето велосипед се смета за сообраќај, рамноправен со останатите видови, град кој се декларира и стреми кон вело-ориентиран, град кој заговара да прерасне во ВелоГрад (а актуелно и реализира таков проект, Скопје Велоград 2017), чистењето снег на вело-патеките е подеднакво важно како и чистењето снег на коловозот.

Во прилог фотографии од неисчистени велосипедски патеки низ Скопје

_20170105_123030.JPG DSC_1903.JPG

2.JPG

DSC_1910.JPGDSC_1913.JPG
Апелираме намерата на градските власти, Скопје да стане велосипедски град, целосно да се имплементира, односно да се манифестира и преку чистење на вело патеките за непречено сообраќање на велосипедистите за време на снежни врнежи.

Дополнителен мотив треба да биде енормно загадениот воздух во зимскиот период и потребата да се поттикне незагадувачки сообраќај, создавајќи соодветни услови за тоа.

Очекуваме одговор во врска плановите на Градот по однос на ова прашање.

Со почит,
НаТочак

26 December, 2016

Критична маса #56: Во 2017-та со повеќе точаци!

Датум: среда, 28.12.2016
Почеток: 17:30 ч, Фонтана Градски Парк
Крај: спроти Универзална сала
---------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: дополнително
---------------------------------------------------------------------



Во 2017-та да имаме повеќе точаци од 2016-та!

Во 2017-та да имаме повеќе велосипедски патеки од 2016-та!*
*Повеќе слободни патеки, без возила, инаку не ги сметаме ;)
Да имаме повеќе зони со намалена брзина, безбедни за ранливите учесници во сообраќајот! 
Помалку жртви од сообраќајни судири!
Почист воздух! 
Помалку бучава! 
Повеќе здравје! 
Повеќе пешачки и велосипедски зони!
Повеќе и подобри паркинзи за точаци!
Повеќе јавни простори и места за здрави активности и социјализација и помалку возила на улиците!
Поквалитетен град за живот! 
Посвесни планери и политичари! 
Повеќе граѓани кои ќе ни се придружат во нашата битка за сето ова погоре зашто самото нема да дојде! 

Среќна 2017-та!
 
--------------------------------------------------------------
Ќе ја испратиме и 2016-та со порака за здравје и радост на улиците возејќи здружно точаци преку Критична маса #56.
Но ќе се придружиме и на протестот за чист воздух (информации
тука), зашто промената не е можна без промени во политиките! 




Зашто потребни ни се мерки против загадувањето на краток рок за да дишеме без да се гушиме кога возиме точак!
 
Зашто потребни ни се мерки на долг рок за да добиеме севкупно поздрави места за живеење! 
Зашто нашата битка за велопријателско Скопје е неиздвоива од битката за чист воздух!
--------------------------------------------------------------
Се собираме во 17:30 на платото кај Фонтана, Градски парк во поддршка на протестот.
 
Како ќе се одвива Критична маса во однос на протестот, ќе пишеме наредниве денови или ќе се договориме на лице место. 
Во Кафе бар Че имаме резервирано од 19:00 и ќе отидеме да се стоплиме после протестот и после Критична маса. 
Оние кои не можат да дојдат на КМ, а сакаат предновогодишно да се дружиме, добредојдени се директно таму.

Ќе имаме и томбола од 20:30. Има упатство на фотографиите.



Се гледаме во среда,
 #НаТочак! 
Ѕрн - ѕрн!


Земете си и заштитни маски, доколку загадувањето е над дозволените граници.



*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
*** Секој учесник може да донесе подарок за вело-томбола.


--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 55 пати возеа масовно по скопските улици, на 55 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 56-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

01 December, 2016

Вело-анализа на изборните програми 2016 година


Вело-анализа на изборните програми 2016 година


НаТочак направи анализа на изборните програми на политичките партии кои учествуваат во предвремените парламентарни избори за 2016 година во Македонија. Беа анализирани програмите на девет политички партии. Само пет од нив во изборните програми имаа проекти поврзани со велосипедот како превозно средство.

Партиите БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ го спомнуваат велосипедот во други категории, но не во категорија урбан транспорт (инфраструктура, животна средина, спорт и рекреација, туризам и други теми). Партиите ДОМ и Левица во изборните програми имаат проекти кои се поврзани со велосипедот како урбан транспорт.

Од друга страна, Алијанса на Албанците, Демократска унија за интеграција, Демократски сојуз и Подем имаат објавено изборни програми, но во нив нема проекти поврзани со велосипедот како превозно средство.

Генералната забелешка е дека ова не е доволно и дека недостасуваат проекти кои се однесуваат на урбаниот велосипедизам. Кај петте партии во чии програми има проекти поврзани со велосипедизмот, најчесто се во фокусот на спортот, туризмот или пак рекреацијата.


Во продолжение следат извадоци од програмите на партиите, пренесени во целост.

Движење БЕСА


ОБЛАСТ: Mjedisi Jetësor dhe Planifikimi Hapësinor

Проект: Stimulimi i transportit me mjete alternative, të cilat nuk e ndotin ambientin, siç janë biçikletat, motorët еlektrikë etj.

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ


ОБЛАСТ: Инфраструктура - поштенски сообраќај

Проект: Набавка на велосипеди на пошторазнесувачи за достава на пратки во урбани средини

Набавката на велосипеди ќе им овозможи на пошторазнесувачите во урбаните доставни реони, брза, ефикасна и безбедна достава на поштенските пратки. Со оваа набавка се обезбедува и редовно обновување на велосипедите за пошторазнесувачите кои вршат достава во густо населени реони и замена на дотраените со нови велосипеди. До сега набавени се 150 велосипеди, а до крај на 2017 година ќе се набават уште 120 велосипеди.

ОБЛАСТ: Туризам

Проект: Уредување и одбележување на планински пешачки и велосипедски патеки на територија на цела Македонија

Целта на овој проект е збогатување на туристичката понуда на Република Македонија и забрзан развој на овој вид активен туризам, преку создавање мрежа на постојни и нови планинарски патеки за планинари и велосипедисти. Во врска со овој проект предвидуваме уредување, одбележување-маркирање, поставување патокази и информативни табли со мапи за планинските пешачки и велосипедски патеки и информација за секоја патека одделно. Исто така, со цел промоција на проектот ќе објавиме и електронски водич на порталот Македонија Вечна (Macedonia Тimeless) со сите податоци и дополнителни атракции кои можат да се видат во близина, како и подготовка и изработка на посебна брошура и карта наменета за промоција на планинскиот туризам.

Проект: Изградба на пешачко-велосипедска патека на езерото Козјак

Изградбата на пешачко-велосипедската патека ќе се одвива од двете страни на езерото Козјак. Вештачкото езеро Козјак е најголемото вештачко езеро во Македонија, сместено помеѓу Сува Гора на запад и резерватот „Јасен“ на исток, во должина од 32 км. Имајќи предвид дека езерото се протега во рамките на Градот Скопје и Општина Македонски Брод, географската локација на истото овозможува услови за рекреативен туризам особено пешачење, возење велосипед околу езерото, риболов и други активности во природа, што ќе се овозможи со изградбата на пешачко-велосипедска патека околу ова езеро. За таа цел предвидуваме:
  • Изградба на една пешачко-велосипедска патека од страната на Скопје, конкретно од Рибарскиот залив кон Браната Козјак, во правец на течението на река Треска, со должина од околу 3.600 метри;
  • Изградба на втора патека што ќе се протега од мостот Близанско кон с. Близанско и кон с. Здуње, во должина од 3.000 метри.

ОБЛАСТ: МВР во служба на граѓаните - Полицијата во соработка со заедницата

Проект: Јакнење на капацитетите на велосипедски патроли

Со активностите на Проектот ќе се промовира поголема мобилност на полицијата, побрза реакција, присуство на места каде што не е дозволено да се управува со моторно возило и зајакнување на капацитетите на велосипедските патроли во СВР Скопје, СВР Охрид, СВР Куманово, СВР Струмица, СВР Битола, СВР Велес, СВР Тетово и СВР Штип. За таа цел ќе се набават дополнително уште 100 велосипеди и ќе се обезбеди комплетна униформа и опрема за полициските службеници кои ќе ја извршуваат работата со велосипед. Со завршувањето на проектните активности се очекува присуство на полициски велосипедски патроли во Старата чаршија во Скопје и во Охрид, како и на кејот на реката Вардар и плажите во Охрид, шеталиштата во Велес, Струмица, Битола, како и рекреативниот планински центар Водно за време на летниот период.

Проект: Обезбедување нагледни средства и полигони

Проектот има за цел успешно одвивање и реализирање на образовниот процес од областа на сообраќајното воспитување и образование. Во рамките на овој Проект е предвиден и превод на стручна литература од областа на сообраќајното образование за потребите на основното, средното и високото образование - како начин за унапредување на сообраќајното образование и воспитување во Република Македонија. Преку Проектот ќе се развие програма за подобрување на капацитетите на наставниците за соодветна и ефикасна сообраќајна едукација на децата т.е. учениците, како и воведување на сообраќајно-воспитни манифестации од образовен и натпреварувачки карактер преку активности надвор од наставата во основното образование - квизови, натпревари по практично управување велосипед и теоретско познавање на сообраќајните правила и прописи.

ОБЛАСТ: Млади, спорт и физичка култура

Проект: Бесплатен здравствен преглед за спортските репрезентативци

Грижата за здравјето на спортистите е врвен приоритет и оттука произлегува потребата за редовни прегледи на членовите на националните репрезентации во различни спортски дисциплини, со цел унапредување на здравствената заштита на оваа категорија граѓани. Здравствената заштита и контрола на лицата кои активно применуваат спортско-рекреативна активност има големо значење за спортистите. Поради тоа со проектот „Бесплатен здравствен преглед за спортисти“, ќе им се овозможи на сите репрезентативци во младински категории два пати годишно да имаат редовен спортско-здравствен преглед. Спортовите кои ќе бидат опфатени со овој проект се: фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, тенис, бокс, карате, таеквондо, џудо, борење, кикбокс, велосипедизам, кајак, пливање и атлетика. Како услов за младите да го искористат овој Проект е да бидат репрезентативци во минимум два последователни циклуси или категории. Носител: Министерство за здравство/Фондот за здравствено осигурување.

Проект: Грантови за велосипеди
Следејќи ги трендовите на модерното живеење и потребата за стимулирање на физичката активност на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ во рамки на својата изборна програма предвидува проект за поддршка на младите лица од семејства со приходи под просечните, за купување на велосипеди. Со проектот се предвидува Владата да доделува грантови за купување на нов велосипед, при што грантот ќе изнесува најмногу до 40% од цената, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Грантот ќе може да го користат млади лица до 29 годишна возраст, кои живеат во семејство чии вкупни месечни бруто-приходи не го надминуваат износот од 32.173 денари (просечна бруто-плата во РМ). Годишно од Владата ќе бидат обезбедени грантови за 2000 лица. Доколку има заинтересирани општини за кофинансирање на набавката на велосипеди во сооднос 50% Владата и 50% општината, ќе биде обезбеден и дополнителен број на грантови од страна на Владата. Институција /носител: Агенција за млади и спорт.

Демократска обнова на Македонија (ДОМ)



ОБЛАСТ: Заштита на животната средина

Проект: Урбан развој

ДОМ ќе се залага за изградба на мрежа на велосипедски патеки во урбаните средини и на вонградските патни правци.

ОБЛАСТ: Зелени градови – одржлив урбан развој

Проект: Трајни решенија за сообраќајот
Изградба на мрежа од велосипедски патеки низ градовите и меѓу нив, за евтино и еколошко движење, но и за развој на руралниот туризам.

Проект: Урбанизам по мерка на луѓето и институционална заштита на зеленилото

Велосипедски и пешачки патеки со фото-волтаични панели со систем за користење на кинетичката енергија од корисниците за осветлување на патеката и за пренесување на електричната мрежа; Велосипедски и пешачки патеки со флуоресцентни материјали за осветлување.

ОБЛАСТ: ЕКО-ТУРИЗАМ

Проект: Регулирање на сообраќајот

Поставување табли и јасни патокази за битните туристички места; јавен и такси превоз до позначајните туристички атракции; обезбедување услови за возење и изнајмување велосипеди во градовите, создавање мрежа на велосипедски и планински патеки, нивно мапирање и креирање е-водич за нив.

Левица


ОБЛАСТ: СПОРТ

Проект: Стимулирање на базичните спортови: атлетика, гимнастика, пливање, велосипедизам, активности во природа.

ОБЛАСТ: ЕКОЛОГИЈА - ОДРЖЛИВ ТРАНСПОРТ

Проект: Изградба на кохерентен систем на велосипедски патишта

Изградба и поврзување на постојните велосипедски патеки во сеопфатна мрежа, која овозможува далечински велосипедизам и пред се безбедно возење велосипед во градовите и околните области, со цел задоволување на потребите на секојдневната мобилност

Коалиција СДСМ


ОБЛАСТ: Фокус на младите

Проект: Скејт-паркови и велосипедски патеки

Ќе ги стимулираме локалните власти да градат велосипедски патеки и скејт-паркови каде младите ќе може да се дружат и да спортуваат. Дополнително, скејт-парковите се место и за културни, музички и уметнички настани. Велосипедските патеки, пак, ќе создаваат здрави навики кај младите и позитивно ќе влијаат и врз животната средина.

ОБЛАСТ: Поттик за спортот

Проект: Нови спортски објекти

Во скијачките центри, Маврово, Попова Шапка, Пелистер, Кожуф и Пониква ќе дадеме поддршка за модернизирање и искористување во зимски и летни услови, обезбедувајќи услови за планинско трчање, планински велосипедизам, функција на медицински и спасителни служби со услови и стандарди од најразвиените зимски
центри во Европа.

ОБЛАСТ: Патна инфраструктура

Проект: Патишта

Целосна реконструкција на патот с. Подмолје – Струга – Калишта – Радожда (стариот пат кон Охрид – Струга) на постоечката траса и придружната патна инфраструктура (велосипедски и пешачки патеки) за да се обезбеди квалитетен пристап кон туристичките капацитети на крајбрежјето. Притоа, ќе се почитува заштитениот појас на Охридското езеро.

Изградба на локални патишта и планински велосипедски патеки од интерес за развојот на езерскиот, планинскиот и спортскиот туризам: Патот кон Вишни и Горна Белица, патот од Бороец, Јабланица, Безево, Пискупштина, Нерези и Луково, патот кон Селци, Буринец и Локов. Да се користат веќе постоечките патишта за трасирање на планиски велосипедски патеки.

Алијанса за Албанците


Нема проекти

Демократска унија на интеграции


Нема проекти

Демократски сојуз


Нема проекти

Подем


Нема проекти